Vesna Besic
07 Март 2025•Ажурирај: 08 Март 2025
Илјадници студенти излегоа денес на улиците на Атина барајќи правда за жртвите од железничката несреќа во Грција во која пред две години загинаа 57 лица, известува Анадолу.
Демонстрантите се собраа пред зградата на Парламентот за време на расправата за предлогот за изгласување недоверба, извикувајќи слогани и критикувајќи ги владините постапки во врска со оваа катастрофа.
Тие повикаа на одговорност и казнување на одговорните и побараа Владата да се справи со недостигот на безбедносни мерки што придонесоа за трагедијата.
Протестот следуваше по демонстрациите што се одржаа во средата, на 5 март, кога илјадници демонстранти, главно студенти, се собраа во грчката престолнина.
Протестот, организиран од Младинскиот огранок на Комунистичката партија на Грција (КНЕ), се одржа пред Парламентот, каде што демонстрантите ја обвинија Владата за невнимание и неспроведување на безбедносните мерки кои можеле да ја спречат несреќата.
Во симболичен гест на оддавање почит на жртвите од несреќата што се случи кај местото Темпи, во близина на Лариса, демонстрантите пуштија фенери во воздух.
Тензиите ескалираа кога група демонстранти се судрија со полицијата, фрлајќи камења, Молотови коктели и други предмети, и палејќи контејнери за ѓубре. Полицијата одговори со солзавец, што доведе до тоа најмалку две лица кои учествуваа во протестот да побараат лекарска помош. Имало и приведувања.
Претходно истиот ден четири опозициски партии поднесоа предлог обвинувајќи ја Владата дека не ги решила инфраструктурните проблеми што доведоа до несреќата и дека во период од две години од катастрофата не ги повикала одговорните на одговорност.
Расправата за недоверба траеше три дена, а гласањето за доверба беше закажано за денеска. Демонстрациите се дел од поширокото движење кое повикува на правда и одговорност по трагичната железничка несреќа.
Во февруари 2023 година, патнички воз директно се судри со товарен воз во близина на градот Темпи, во северна Грција. Изминаа две години од железничката несреќа, а причината за несреќата сѐ уште не е разјаснета.
Официјалниот биланс на загинати е 57, вклучувајќи голем број студенти и девет членови на екипажот на возот.