СКОПЈЕ (АА) - Израелските војници и еврејските доселеници денес ги спречија палестинските земјоделци во бербата на своите маслинки во Хеброн, на окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Израелската армија ја прогласи областа за „воена зона“, блокирајќи ги Палестинците да влезат на своите ниви. Локалните жители, кои во голема мера се потпираат на одгледувањето маслинки за своја егзистенција, рекоа дека од 7 октомври 2023 година им е забранет пристап до земјиштето во близина на нелегалните израелски населби.
Палестинскиот земјоделец Мухамед Тарва рече дека околу 90% од маслинките во областа биле изгорени или веќе набрани од страна на доселениците.
Според Муајар Шабан, раководител на Комисијата против колонизација и отпор кон Sидот на Палестинската управа, од почетокот на сезоната на берба на маслинки во октомври се регистрирани 158 напади од страна на доселениците.
Теренските тимови, исто така, документираа 17 инциденти во кои биле вклучени израелски војници, меѓу кои физички напади, апсења, ограничувања на движењето, одбивање на пристап, заплашување, вознемирување и пукање од огнено оружје.
Шабан истакна дека 56 од нападите се случиле во северниот град Наблус, 51 во централниот град Рамала и 15 во Хеброн на јужниот дел од Западниот Брег. Тој додаде дека 57 инциденти вклучувале ограничувања на движењето и заплашување на берачите на маслинки, додека 22 случаи вклучувале тепање и друг физички напад.
Вкупно 795 маслинови дрвја се уништени во 74 напади директно насочени кон обработливо земјиште, рече Шабан, опишувајќи ја овогодишната берба како „една од најтешките и најопасните во последниве децении“ поради зголеменото насилство од страна на израелските сили и доселениците.
Тој го обвини Израел за „систематско таргетирање на сезоната на берба на маслинки“ поради длабоката емоционална и историска врска меѓу Палестинците и нивната земја, нарекувајќи го тоа дел од „јасен и деклариран план за контрола на палестинските простори и негирање на пристапот на Палестинците до нивното земјиште“.
Во вторникот, министерот за земјоделство Резк Салимија на прес-конференција одржана во седиштето на Министерството во Рамала изјави дека од почетокот на 2025 година до средината на октомври повеќе од 5.353 земјоделци биле цел на израелските прекршувања, што претставува зголемување од 17% во споредба со минатата година.
Тој истакна дека вкупните загуби „надминале 70,3 милиони долари, вклучувајќи го и палењето и корнењето на дрвјата, уништувањето на земјоделската инфраструктура, убивањето и кражбата на добитокот, конфискацијата на десетици илјади квадратни метри земја и спречувањето на земјоделците да пристапат до неа, додека им се дозволува на доселениците се“.
Според Салимија, од октомври 2024 година, Министерството документирало уништување на повеќе од 15.000 маслинови дрвја.
Израелските напади ескалираа низ Западниот Брег од октомври 2023 година, во коишто убиени се 1.056 Палестинци, повредени се 10.300, додека притворени се над 20.000 други, според палестински извори.
Минатиот јули, Меѓународниот суд на правдата ја прогласи израелската окупација на палестинските територии за нелегална и повика на евакуација на сите населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим.
Од октомври 2023 година, во геноцидната војна на Израел убиени се над 68.000 Палестинци, а повредени се повеќе од 170.000, според Министерството за здравство на Газа.
Договорот за прекин на огнот стапи на сила на 10 октомври во Газа, врз основа на план во фази презентиран од американскиот претседател Доналд Трамп.
news_share_descriptionsubscription_contact
