Израелскиот правен центар бара итен пристап до приведените активисти од флотилата за помош на Газа
„Нападот на Израел врз невооружените цивили на море и заплената на хуманитарните бродови претставуваат сериозно кршење на меѓународното право...“

ИСТАНБУЛ (АА) – Израелскиот правен центар „Адалах“ денес го осуди нападот на израелската морнарица врз хуманитарната флотила за Газа и побара итен пристап до активистите кои се приведени на бродовите, јавува Анадолу.
„Нападот на Израел врз невооружените цивили на море и заплената на хуманитарните бродови претставуваат сериозно кршење на меѓународното право и уште еднаш ја покажуваат неказнивоста со која Израел продолжува да дејствува“, се вели во соопштението на правниот центар.
Од „Адалах“ наведоа дека ги информирале израелските власти дека ќе ги застапуваат сите активисти од Коалицијата „Флотила на слободата“ и „побарале итен пристап до нив по нивното пристигнување во Израел“.
Центарот истакна дека ќе ја оспори незаконската одлука за приведување на активистите и конфискацијата на бродовите и хуманитарната помош.
Израелските морнарички сили ги нападнаа и задржаа сите активисти кои се наоѓаа на деветте бродови од конвојот, меѓу кои и главниот брод на Коалицијата „Флотила на слободата“ - „Коншнс“, додека пловеле кон Газа со цел да ја пробијат блокадата на Израел врз Газа.
„Пред да се изгуби секоја комуникација рано утринава, учесниците на бродот 'Коншнс' – главно доктори, медицински сестри и новинари – пријавија дека биле нападнати од израелски воен хеликоптер, додека морнарицата истовремено ги пресретнала и се качила на другите бродови на флотилата „Илјада Мадлини за Газа“.
Нападот се случил на околу 120 наутички милји од брегот на Газа, длабоко во меѓународни води“, соопшти „Адалах“.
Израелското Министерство за надворешни работи потврди дека сите приведени активисти се транспортираат во пристаништето Ашдод, во јужен Израел.
Коалицијата „Флотила на слободата“ основана во 2010 година, започна десетици мисии насочени кон доставување помош и привлекување на глобалното внимание кон хуманитарната криза во Појасот Газа, кој е под опсада од Израел.
Последниот конвој исплови откако израелските поморски сили нападнаа и запленија повеќе од 40 бродови минатата недела, дел од Глобалната флотила „Сумуд“, кои беа на пат кон Газа за да ја пробијат израелската блокада, и приведоа повеќе од 450 активисти на бродовите. Повеќето од нив се депортирани.
Израел, како окупаторска сила, и претходно ги напаѓаше бродовите што се движеа кон Газа, го запленуваше нивниот товар и ги депортираше активистите на бродовите.
Израел спроведува блокада на Газа, дом на речиси 2,4 милиони луѓе, речиси 18 години, и дополнително ја заостри опсадата во март кога ги затвори граничните премини и ги блокираше испораките на храна и лекови, туркајќи ја енклавата во глад.
Од октомври 2023 година во израелските бомбардирања се убиени речиси 67.200 Палестинци во енклавата, повеќето од нив жени и деца, а енклавата е непогодна за живот.
Во Египет во тек се преговори за завршување на војната според планот од 20 точки што го претстави американскиот претседател Доналд Трамп.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.