Израелскиот министер за одбрана нареди уништување на сите тунели во Појасот Газа
„Ако нема тунели, нема ни Хамас“, истакна Кац, но не прецизираше каде се тунелите
ИСТАНБУЛ (АА) – Израелскиот министер за одбрана денес изјави дека им наредил на Израелските вооружени сили „да ги уништат сите тунели во Појасот Газа“, пренесува Анадолу.
„До последниот тунел. Ѝ наредив на Армијата да ги уништи и збрише сите тунели во Газа“, напиша Израел Кац на американската платформа за социјални медиуми X.
„Ако нема тунели, нема ни Хамас“, истакна тој, но не прецизираше каде се тунелите.
Изјавата доаѓа и покрај договорот за прекин на огнот со Хамас, кој стапи во сила на 10 октомври.
Кац вчера ја прогласи пограничната област со Египет за затворена воена зона, повикувајќи се на безбедносни причини.
„Објавуваме војна. Секој што ќе влезе во забранетата зона ќе биде повреден“, рече Кац на средбата во средата вечерта, пренесе јавниот сервис КАН.
Според армиското радио, министерот за одбрана се согласил со шефот на тајната служба Шин Бет, Дејвид Зини, да ги класифицира наводните обиди за шверц на оружје преку египетската граница како „терористичка закана“, со цел безбедносните служби „да можат да применат соодветни мерки“.
Весникот „Једиот ахронот“ објави дека министерот издал наредба „да се нападне секое неовластено лице што ќе навлезе во забранетата зона“, додавајќи дека одлуката следувала по, како што наведува, „масовни операции за шверц на оружје“ покрај границата.
Египетските власти претходно ги отфрлија израелските тврдења дека под граничниот појас со енклавата постојат тунели.
Во последните две години, израелската Армија спроведува обемни воени операции низ целиот Појас Газа, тврдејќи дека ги има за цел инфраструктурите на Хамас, меѓу кои и нивната подземна мрежа на тунели.
