Mustafa Deveci
09 Март 2021•Ажурирај: 10 Март 2021
ЕРУСАЛИМ
Израелскиот министер за енергетика, Јувал Штајниц, изјави дека Израел е подготвен да соработува со Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Штајниц во интервју за грчкиот печат даде проценка за Проектот за гасоводот на природен гас во Источниот Медитеран (Eastmed).
Наведувајќи дека проектот „Истмед“ (Eastmed) ќе овозможи природниот гас на Израел и грчката администрација на Јужен Кипар да биде испорачан во Европа, Штајниц рече: „Овој проект е многу важен. Тоа ќе биде најдолгиот и најдлабокиот проект во светот изграден на дното од морето. Се надевам дека овој проект ќе заврши во рок од 5 години, почнувајќи од денес.“
Зборувајќи дека Израел му придава значење и го поддржува проектот, Штајниц тврди дека администрацијата на Тел Авив и грчката администрација на Јужен Кипар имаат доволен капацитет од природен гас за 2 или 3 гасоводи како „Истмед“.
Потсетувајќи дека во минатото имало средби за извоз на израелскиот гас во Турција, но дека тие не вродиле со плод, Штајниц рече:
„Се надевам дека еден ден Турција ќе се приклучи во регионот, дури и ќе стане дел од Источномедитеранскиот форум за гас. Наместо конфликт ќе избере координација. Се надевам дека ќе го променат својот став. Подготвени сме да соработуваме со Турција. Наместо извор на конфликт, сакаме да ја видиме Турција како еден регионален партнер.“
Штајниц вчера ја посети грчката администрација на Јужен Кипар и присуствуваше на церемонијата за потпишување на меморандумот за разбирање за поврзувањето на електричните мрежи помеѓу Израел, Грција и грчката администрација на Јужен Кипар.
- Проектот „Истмед“ (Eastmed)
Проектот „Истмед“ (Eastmed) има за цел гасот извлечен од Источен Медитеран преку грчката администрација на Јужен Кипар да го транспортира во Грција, а оттаму во Италија.
Се очекува споменатиот проект да заврши за 6 до 7 години и да чини околу 7 милијарди долари.
Изградбата на овој гасовод, кој е меѓу проектите поддржани од Европската Унија (ЕУ), се очекува да се соочи со технички и финансиски потешкотии.
Гасоводната линија, која ќе има капацитет на транспорт од најмногу 20 милијарди кубни метри природен гас годишно, се очекува да се спушти на длабочина од 3 километри и да биде долга 2.100 километри.
Експертите сметаат дека не е можно гасоводот да се исполни само со природен гас што ќе се добие единствено од резервите на гас откриени во Израел.
Според нив, доколку на гасоводот му се додаде и египетскиот гас, за да може проектот да биде одржлив потребно е да се направат нови откритија во регионот.