Aysar Alais,Mehmet Nuri Uçar
18 Октомври 2025•Ажурирај: 19 Октомври 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелски војници пукале кон палестински земјоделци кои се обиделе да заминат на своите поседи за да берат маслинки во селото Кубер, во близина на Рамала, на окупираниот Западен Брег, известува Анадолу.
Група земјоделци од Кубер биле нападнати од израелски војници додека се упатувале кон своите полиња западно од селото. Тие биле принудени да се вратат назад откако било пукано кон нив и била фрлена звучна бомба (шок граната).
Земјоделецот Фехд Абул Хаџ за новинарот на Агенција Анадолу (AA) изјави:
„Окупаторската израелска армија ги спречи земјоделците да стигнат до своите полиња, особено во областите Канатер и Даак. Покрај тоа, пукајќи, се обидоа да нè оддалечат од таму“.
Изјавувајќи дека земјоделците отишле во спорните области со дозвола од израелскиот Врховен суд, Хаџ рече:
„И покрај судската одлука, војниците нè вратија назад. Ова е јасно кршење на правата.“
- Нема да се откажеме од одбраната на нашите земјишта
Палестинскиот земјоделец изјави дека израелската армија и Израелците кои ги зазеле палестинските земјишта, со години ги спречуваат земјоделците да стигнат до областа и дека притисокот е зголемен откако е основана нелегалната населба „Халамиш“.
Својата решителност Хаџ ја изрази со зборовите:
„Нема да се откажеме од одбраната на нашите земјишта. Овие земјишта се симбол на нашето постоење.“
Палестинските земјоделци на Западниот Брег се подложени на напади од израелската армија и израелските узурпатори секоја година за време на сезоната на берба на маслинки. Според палестинските власти, во последните две години се случиле над 7.000 напади, кои резултирале со смртта на 33 Палестинци.
Освен тоа, израелските војници и израелските узурпатори откорнале и уништиле приближно 49.000 дрвја во истиот период, вклучувајќи повеќе од 37.000 маслинови дрвја.
Овие напади се сметаат за дел од засилените репресивни мерки на Израел врз Западниот Брег што се спроведуваат од 8 октомври 2023 година. Според палестински извори, од тој датум досега, убиени се најмалку 1.054 Палестинци во регионот, приближно 10.000 луѓе се повредени, а повеќе од 20.000 се приведени, вклучувајќи 1.600 деца.