Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout
24 Јуни 2022•Ажурирај: 30 Јуни 2022
КУДС (АА) - Израел повтори дека ги отфрла обвиненијата кои ја товарат земјата за убиство на новинарката на „Ал Џезира“, Ширин Абу Аклех, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Израелската војска во соопштението ја критикуваше истрагата на Обединетите нации (ОН) поради пристрасноста, како што се наведува, напоменувајќи дека Палестинците одбиваат да го предадат куршумот со кој е убиена Абу Аклех во Израел.
Израелската војска инсистира дека се работело за размена на оган со Палестинците за кои тврди дека ја убиле новинарката Абу Аклех.
ОН денеска соопштија дека доказите покажуваат дека куршумот со кој е убиена Абу Аклех го испукале израелските сили.
„Утврдивме дека истрелите со кои е убиена Абу Аклех дошле од израелските безбедносни сили“, изјави за новинарите во Женева, портпаролката на Канцеларијата на ОН за човекови права, Равина Шамдасани, и додаде:
„Длабоко вознемирувачки е што израелските сили не спроведоа кривична истрага. Не пронајдовме никакви информации кои сугерираат дека постоеле активности на вооружени Палестинци во непосредна близина на новинарите.“
На 11 мај, Абу Аклех (51) известуваше за напад на израелската војска во близина на бегалскиот камп „Џенин“ на окупираниот Западен Брег кога беше застрелана. Палестинските власти и нејзиниот работодавец „Ал Џезира“ изјавија дека таа била убиена од израелските сили.
Израел, од своја страна, негира каква било одговорност и повика на заедничка истрага со Палестинците, потег што властите во Палестина го отфрлија.