Mohammad Sıo
11 Март 2024•Ажурирај: 12 Март 2024
РАМАЛА (АА) – Израелската војска рано утрово изврши рација во неколку града и бегалски кампови низ окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Очевидци за Анадолу изјавија дека израелската војска упаднала во градовите Витлеем и Хеброн, како и во Рамала, Ал-Бирех и Калкилија.
Таа, исто така, изврши рација во бегалските кампови Балата во Наблус, Тулкарм и Нур Шамс во близина на Тулкарм.
Во бегалскиот камп Балата избувнаа судири меѓу Палестинците и израелската војска, при што таа употребила жива муниција, истакнаа очевидците.
Тие наведоа дека во кампот дошло до вооружена пресметка меѓу Палестинците и војската.
Војската, исто така, уапси повеќемина Палестинци за време на рациите.
Вооружени судири избувнаа и меѓу Палестинците и израелската војска за време на нејзиниот упад во градот Тулкарм и бегалските кампови Тулкарм и Нур Шамс, истакнаа локални извори.
Во Рамала, израелската војска извршила рација во куќа во населбата Балу, при што уапсила цивил, што довело до конфронтација со Палестинците, додадоа изворите.
Во меѓувреме, војската ја продолжи воената операција во Калкилија, упадна во домови на Палестинци и уапси најмалку две лица.
Извори јавија и за вооружени судири меѓу израелската војска и палестинските групи во градот.
Тензиите се големи низ Западниот Брег откако Израел ја започна смртоносната воена офанзива против Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас во октомври минатата година.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремена одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за гарантирање дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа, каде што загинаа повеќе од 31.000 Палестинци.