Yusuf Alioğlu,Mehmet Nuri Uçar
16 Октомври 2024•Ажурирај: 17 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА)
Во синоќешните напади на израелската армија врз Јужен и Источен Либан убиени се 23 лица, а 31 е повредено, известува Анадолу.
Либанската официјална новинска агенција ННА објави дека 18 Либанци се убиени, а најмалку 15 се повредени во бомбардирањето што го изведоа израелските авиони врз различни точки на југот од земјата.
Во израелскиот воздушен напад врз областа Захле во провинцијата Бека на истокот на Либан убиени се пет лица, од кои три деца, а 16 се повредени.
- Во израелските напади врз Либан убиени се 2.350 луѓе
Израелската армија, која ги продолжува контролираните судири со Хезболах од 8 октомври 2023 година, изврши стотици воздушни напади врз јужните градови на Либан, како и врз регионите Бека и Балбек на 23 септември.
Либанското Министерство за здравство објави дека од 8 октомври 2023 година убиени се вкупно 2.350 лица, од кои 104 деца и 194 жени, а 10.906 се повредени.
Водачот на Хезболах, Хасан Насрала, беше убиен во воздушните напади на израелската армија врз Бејрут на 27 септември.
Хезболах на ова одговори со ракетен напад врз Израел. Во овие напади, чија цел беа воени бази на Израел, не беше забележана поголема штета.
Се проценува дека во Либан се раселени стотици илјади луѓе, бегајќи од израелските бомбардирања.
Бранот на миграција од јужните делови на земјата продолжува кон главниот град Бејрут и северот, а либанската Влада објави дека повеќе од 456.000 од раселените Либанци мигрирале во Сирија.