Mohammed Abudoun,Ekrem Biçeroğlu,Safiye Karabacak
24 Октомври 2024•Ажурирај: 26 Октомври 2024
ГАЗА (АА)
- Мухамед АБУ ДУН
Страв, смрт и опасност шират коридорите што Израел ги одреди како „безбедни“ за Палестинците коишто се принудени да мигрираат од северниот дел на Појасот Газа, пишува Анадолу.
Во стапица се претворени коридорите кои се протегаат од север кон југ на Појасот Газа, во која 18 дена на геноцид и етничко чистење од страна на израелската Армија беа подложени Палестинците, вклучувајќи жени и деца.
Палестинците не потклекнаа пред заканите на Израел да заминат на југ, туку избраа да мигрираат во Газа и покрај фактот што снабдувањето со храна и вода е прекинато од октомври, кога започна геноцидот.
И покрај прекинот на изворите на храна и вода и тешкотијата на долгото патување, Палестинците тргнаа на патот и се соочија со опасноста Израел да ги нападне.
Канцеларијата за медиуми на Владата и Министерството за внатрешни работи во Газа постојано предупредуваа дека израелската Армија извршува егзекуции на Палестинците на патиштата кои водат кон јужните региони преку наводно „безбедни“ коридори и ги нишани областите во кои тие се засолниле.
Израелската Армија, која продолжува да спроведува масакри во областите за кои тврди дека се „безбедни“ во јужниот и централниот дел на Појасот Газа, на 6 октомври изврши копнен напад на северот на Газа, особено врз бегалскиот камп Џабалија.
Претходно во израелскиот печат беше објавено дека овој чекор, познат и како „план на генералите“, е преземен со цел да се евакуираат Палестинците од северот на Газа и истиот простор да се подготви за изградба на населби за Израелците.
- Со своето 11-члено семејство пешачеше 10 километри
Јасер Хамед, кој со своето 11-члено семејство беше раселен од бегалскиот камп Џабалија, дојде во градот Газа по долго патување. Хамед рече дека на ова патување пеш изминале пат од 10 километри.
Изразувајќи длабока тага поради случувањата, Хамед истакна:
„Моето семејство и илјадници други семејства од северниот дел на Појасот Газа со денови ги одбиваа израелските наредби за преместување, додека оваа наредба не ни беше наметната и не бевме насилно отстранети од центрите за сместување во Џабалија“.
Хамед рече дека израелската Армија погрешно ги насочила раселените луѓе во врска со безбедноста и им наредила да го напуштат подрачјето, и посочи дека набргу по издавањето на апелот, започал артилериски оган врз Палестинците.
Раскажувајќи дека во нападот се убиени и повредени многу Палестинци, Хамед продолжи со зборовите:
„Меѓу загинатите е и мојот син Ахмед, на кого не можев да му кажам збогум, да го гушнам за последен пат, па дури ниту правилно да го закопам“.
Зборувајќи дека пред заканите на израелските војници морале да ги остават своите мртви и да тргнат на пат, Хамед рече:
„Почувствував неподнослива болка на патот и интензивно плачев поради нивото на беспомошност и немоќ што го достигнавме“.
Тој рече дека додека пешачеле, израелската Армија постојано ги гаѓала раселените Палестинци со артилериски гранати и стрелала со пешадиско оружје.
- „Планот на израелската Армија е лага и измама“
Семејството Шетат, исто така, стигна до засолниште во западниот дел на градот Газа, откако поминало низ ужасно патување при раселувањето, во кое три од нивните деца се повредени во артилериски напад насочен кон коридорот по кој минувале раселените луѓе.
Есмахан Шетат, мајка на 3-те повредени деца, рече дека војската им наредила да го напуштат засолништето и да заминат по рутата за која тврделе дека е безбедна.
„Додека мислевме дека нема бомбардирање и бевме решени да одиме по безбедна патека, Израел нѐ изненади. Моите три сина беа полесно повредени од артилериска граната која падна неколку метри подалеку од местото каде минувавме“, рече мајката Шетат, кажувајќи дека многу раселени лица се здобиле со разни повреди од шрапнели.
„Овој пат е систематски и јасен план за измама на израелската Армија, чија цел е да ги нишани и убива Палестинците на секој начин. Не знаеме кога ќе заврши ова злосторство извршено од Израел против нас“, рече Есмахан Шетат.
Шетат ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел да престане со масакрите.
Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври минатата година убиени се 42.847 Палестинци, меѓу кои приближно 17.000 деца и 11.378 жени, а 100.544 лица се повредени.
Сѐ уште има илјадници мртви под урнатините, а цивилната инфраструктура е цел на уништување од страна на Израел, кој ги бомбардира и гранатира болниците и образовните институции во кои се засолниле раселените Палестинци.