Израелската армија започна голема офанзива во градот Тубас на Западниот Брег
- По распоредувањето на големо воено засилување во областа, израелската армија донесе воена градежна опрема на некои локации и пукаше врз некои точки од хеликоптери.
ТУБАС (АА) - Израелската армија утрово започна голема офанзива во градот Тубас и околните места во северниот дел на окупираниот Западен Брег, известува Анадолу.
По распоредувањето на големо воено засилување во областа, израелската армија донесе воена градежна опрема на некои локации и пукаше врз некои точки од хеликоптери.
Израелските сили ги затворија сите влезови во градот со земјени бариери и воени контролни пунктови и воведоа полициски час забранувајќи излегување на улица.
Гувернерот на Тубас, Ахмед ал-Асад, изјави дека израелската страна ги информирала палестинските власти дека „нападите ќе продолжат неколку дена“ и додаде дека станува збор за „опасна ескалација“ што е насочена кон Тубас и околните места.
Гувернерот Ал-Асад рече дека израелската страна тврдела дека „е во потрага по барани лица“ во областа, но истакна дека ова не ја одразува вистината и додаде:
„Оваа операција е политичка, нема безбедносно оправдување.“
Тој посочи дека израелската армија поставила земјени бариери околу градот и дека поради полицискиот час запрел животот во градот, загрозувајќи ги животите, особено на старите лица, болните и децата.
Гувернерот на Тубас истакна дека од израелските хеликоптери од типот „Апачи“ се пука кон секој што се движи.
Ал-Асад рече и дека Комитетот за вонредни ситуации во Тубас е активиран поради влошувањето на условите на терен.
