Rania R.a. Abushamala
14 Март 2024•Ажурирај: 15 Март 2024
КУДС (АА) - Неколку Израелки, меѓу кои и роднини на израелски заложници, ја блокираа главната улица Ајалон во Тел Авив денес барајќи договор за ослободување на израелските заложници од Газа, пренесува Анадолу.
„За време на најголемиот сообраќаен метеж, демонстрантите стоеја носејќи големи слики од заложниците и извикуваа „Договор сега“, објави израелскиот „Канал 12“.
Демонстрантите порачаа дека „нема да ги заборават своите браќа и сестри кои сè уште се затворени во тунелите“.
Тие исто така нагласија дека протестот е инициран од женско движење, без да го кажат неговиот назив.
Полицијата била повикана на местото за да ги растера демонстрантите кои продолжија да викаат и се обидуваа да го попречат сообраќајот додека полицијата не успеа повторно да ја отвори улицата, а сообраќајот на улицата Ајалон повторно е пуштен по околу половина час, наведува израелскиот канал.
„Демонстрантите кои беа преместени на страната на улицата извикуваа: „Апсењето на семејствата на заложниците е срамно“, објави каналот.
Телевизијата, исто така, ги цитираше семејствата на заложниците кои истакнаа дека „секој изминат ден ги намалува шансите заложниците да се вратат живи“.
Тие ја критикуваа израелската Влада: „Кога носителите на одлуки го одложуваат склучувањето договор, ние не сме подготвени да се опуштиме. ... Не очајуваме, ние не се предаваме.“
Во последниве недели во многу израелски градови има речиси секојдневни протести за притисок врз Владата да склучи договор со Хамас за размена на израелските и палестинските затвореници, за запирање на војната во Газа и одржување предвремени избори.
Израел смета дека во Газа има околу 130 заложници, додека во своите затвори држи најмалку 8.800 Палестинци, според официјалните извори од двете страни.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври во кој загинаа 1.163 лица.
Во израелските напади врз Појасот загинаа над 31.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 73.000 се повредени.
Според Обединетите нации (ОН), израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат поради целосната блокада на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за гарантирање дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.