Ikrame Imane Kouachi
10 Март 2024•Ажурирај: 11 Март 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку 85 Палестинци се убиени, а 130 се ранети во израелските напади на блокираниот Појас Газа во изминатите 24 часа, известува Анадолу.
Министерството за здравство во Појасот Газа соопшти дека израелските сили извршиле 8 масакри изминатиот ден.
„Многу луѓе и понатака се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да дојдат до нив“, се наведува во соопштението.
Истакнувајќи дека од последици на неисхранетост во Појасот Газа починале најмалку 25 лица, Министерството на палестинската енклава соопшти дека 72% од жртвите на израелските бомбардирања и гранатирања се деца и жени.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Во овие напади досега се убиени најмалку 31.045 Палестинци, а 72.654 се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни средства за опстанок.
По обвинението за геноцид што ја поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.