Aness Suheil Barghoti
28 Март 2017•Ажурирај: 28 Март 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските безбедносни сили во изминатите 24 часа приведоа седуммина чувари на џамијата Ал-Акса, во окупираниот источен Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
„Четворицата чувари се одведени од своите домови рано утринава, а уште тројца беа приведени вчера, откако го спречија обидот на еврејски археолог да украде древен камен што се наоѓал во џамијата“, потврди за АА, Фирас ал-Дибс, портпарол на Исламскиот вакуф во Ерусалим, јорданска организација задолжена за надгледување на исламските знаменитости во градот.
Ал-Дибс изјави дека археологот наводно двапати се обидел да го земе каменот, под заштита на израелската полиција, што предизвикало судир меѓу чуварите и израелската полиција.
За муслиманите, Ал-Акса е третото најсвето место на светот. Евреите од своја страна подрачјето го нарекуваат Рид на храмот, и тврдат дека на тоа место се наоѓале два еврејски храма во древните времиња.
Во септември 2000. година, со посетата на Ал-Акса контроверзниот израелски политичар Ариел Шарон ја предизвика Втората Интифада, палестинско народно востание против израелската окупација, во кое загинаа илјадници Палестинци.
За време на војната на Блискиот исток во 1967 година, Израел го окупираше источен Ерусалим, каде што се наоѓа Ал-Акса. Потоа формално направи анексија во 1980 година, тврдејќи дека Ерусалим е главен град на еврејската држава, што никогаш не е признато од меѓународната заедница.