Alperen Aktaş
24 Август 2023•Ажурирај: 25 Август 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Израел објави дека ќе го зголеми извозот на природен гас во Египет од своето поле Тамар во Средоземното Море, пренесува Анадолу.
Министерот за енергетика, Израел Кац, рече дека по обезбедувањето со гас на домашниот пазар, било дадено одобрение за зголемување на извозот во Египет.
„Овој чекор ќе ги зголеми приходите на државата и ќе ги зајакне дипломатските врски меѓу Израел и Египет“, рече Кац во објавата на платформата Х, порано позната како Твитер.
Според веста на израелската веб-страница за деловни вести „Глоубс“, Кац одлучил да го зголеми производството од полето Тамар на 6 милијарди кубни метри годишно почнувајќи од 2026 година.
Во веста се нагласува дека тоа ќе доведе до зголемување на производството на гас од полето за 60 отсто, при што 3,5 милијарди кубни метри од произведените 6 милијарди ќе бидат извезени во Египет.
Израел во моментов извезува околу една третина од своето годишно производство од 28 милијарди кубни метри природен гас во Египет и Јордан.
Јордан го троши природниот гас што го увезува од Израел на својот домашен пазар, додека Египет го втечнува гасот што го добива од Израел за извоз.