Lina Altawell
07 Април 2026•Ажурирај: 07 Април 2026
Вкупно 7.183 лица се повредени во Израел од почетокот на војната против Иран, меѓу кои 133 лица во изминатите 24 часа, соопшти денес Министерството за здравство, пренесува Анадолу.
Во соопштението на Министерството се наведува дека 118 лица се хоспитализирани, од кои две се во критична состојба, 14 во посериозна, 27 се здобиле со среден степен на повреди и 74 лица со полесни повреди.
Само во изминатите 24 часа во болниците се примени 133 лица, од кои петмина се со среден степен на повреди, 127 со полесни повреди и едно лице е хоспитализирано поради анксиозност.
Израелскиот Институт за национални безбедносни студии објави дека од почетокот на војната загинале 29 Израелци. Вчера властите соопштија дека во Хаифа има уште четири смртни случаи, со што вкупниот број на загинати се искачи на 33 лица.
Израел воведе строга цензура на известувањето за жртвите од иранските одмазднички напади и нападите од Хезболах, со што се оневозможува спроведување на независна процена на бројот на жртви и причинетата штета од ракетните напади.
Регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива врз Иран на 28 февруари, во која досега загинаа над 1.400 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив во кои има американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата и нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.