Ahmed Asmar
19 Декември 2024•Ажурирај: 20 Декември 2024
АНКАРА (АА) Израел изврши смртоносни воздушни напади врз електрани, пристаниште и нафтена постројка во Јемен, во кои се убиени девет лица, што претставува ескалација на неговиот конфликт со Хусите, јавува Анадолу.
Телевизискиот канал „Ал-Масирах“, поврзан со Хусите, објави дека во израелските напади на Ал-Худајдах се убиени девет лица, а тројца се повредени.
Претходно телевизискиот канал објави дека во нападите биле погодени две електрани во јеменскиот главен град Сана и предизвикале штета на нафтениот капацитет и пристаништето Ал-Худајда.
Израелската армија соопшти дека нападите биле насочени кон „воени цели“ поврзани со Хусите откако пресретнале проектил лансиран кон Израел, според „Ал Џезира“.
Портпаролот на израелската армија, Даниел Хагари, рече дека во нападите се погодени енергетската и пристанишната инфраструктура, за кои тој тврди дека бунтовниците „ги користеле на начини што ефикасно придонеле за нивната воена акција“ против Израел.
„Израел нема да се двоуми да дејствува за да се одбрани себеси и своите граѓани од нападите на Хусите“, рече Хагари.
Тој додаде дека ракетниот напад на Хусите врз Централен Израел принудил милиони луѓе да побегнат во засолништа.
Новинската агенција Саба, управувана од Хусите, соопшти дека израелски воени авиони извршиле шест напади врз две електрани во јужниот и северниот дел на Сана и шест на Ал-Худајда, при што се убиени неколкумина.
Нападите врз Ал-Худајда беа насочени кон пристаништето во градот и нафтениот капацитет Рас Иса.
Нападите се извршени во услови на зголемени тензии во регионот.