Ekip
16 Август 2022•Ажурирај: 18 Август 2022
КУДС (АА) - Израел го призна убиството на пет палестински деца во воздушниот напад за време на неодамнешната тридневна офанзива на Појасот Газа, објавија израелските медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според весникот „Хаарец“, претставници на Министерството за одбрана ја потврдиле одговорноста на Израел за инцидентот, што изби на 7 август на гробиштата во областа Џабалија во северна Газа, предизвикувајќи „смрт на пет малолетници, убиени на последниот ден од неодамнешниот конфликт со Исламски џихад овој месец“.
Првичните обвинувања за инцидентот беа насочени кон палестинската група Исламски џихад по неуспешното лансирање ракета што падна назад во Газа.
Весникот додаде дека посебна истрага за израелската Армија за друг инцидент открила дека осум палестински цивили, меѓу кои и деца, беа убиени на 6 август од погрешно испукана ракета лансирана од Исламски џихад.
Израелската Армија рече дека споделила видео на кое се гледа неуспешното лансирање ракета од страна на Исламски џихад, што предизвика смртни случаи.
Израелските воени авиони лансираа воздушни напади врз Газа на 5 август, наведувајќи ја како причина „непосредната закана од напад“ од Исламски џихад по зголемените тензии низ палестинските територии.
Според палестинското Министерство за здравство, најмалку 49 Палестинци, вклучително 17 деца и четири жени, беа убиени, додека над 360 други беа повредени во нападите.