Израел го одобри планот за проширување на офанзивата во Газа и окупација на територии
– Безбедносниот кабинет на Израел рано утринава едногласно го одобри планот за проширување на тековната воена офанзива во Појасот Газа и окупација на делови од територијата, објавија израелските власти

ЕРУСАЛИМ/АНКАРА (АА) – Безбедносниот кабинет на Израел рано утринава едногласно го одобри планот за проширување на тековната воена офанзива во Појасот Газа и окупација на делови од територијата, објавија израелските власти, пренесува Анадолу.
Во соопштението од Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху се наведува дека планот е поднесен од началникот на Генералштабот на израелската Армија, Ејал Замир, со цел да се „порази Хамас“ и да се вратат израелските заробеници кои се држат во Газа.
„Армијата доби задача да ја освои Газа и да ја задржи територијата под своја контрола“, стои во соопштението.
Израелскиот „Канал 12“ јавува дека планот вклучува и присилно преселување на палестинското население од северниот дел на Газа кон југ.
Од палестинска страна засега нема официјална реакција на новиот израелски план.
Според израелските проценки, 59 израелски заробеници сè уште се наоѓаат во Газа, а се верува дека 24 се живи. Од друга страна, повеќе од 9.500 Палестинци се затворени во израелските затвори, каде, според палестинските и израелските организации за човекови права, се изложени на тортура, глад и медицински запоставувања.
Повеќе од 52.500 Палестинци се убиени во Газа во бруталниот израелски напад од октомври 2023 година, повеќето од нив се жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.