Islam Uddin
10 Јануари 2023•Ажурирај: 11 Јануари 2023
ИСЛАМАБАД (АА) - Изборната комисија на Пакистан денес издаде налог за приведување на поранешниот премиер и претседател на главната опозициска партија Пакистан Техрик-е-Инсаф (ПТИ), Имран Кан, за случаите поврзани со непочитување на изборното тело, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изборното тело предводено од Нисар Дурани издаде налози за приведување на Кан, генералниот секретар на неговата партија Асад Умар и потпретседателот Фавад Чаудри.
„Изборната комисија издаде налози за приведување на Имран Кан, мене и Фавад Чаудри. Тие ги работат овие задачи наместо да спроведуваат избори“, напиша Асад Умар на Твитер.
Тој ја обвини Изборната комисија за непочитување на судот бидејќи не одржала избори за локалните тела во Исламабад.
Фавад Чодри најави дека ќе ја обжали пред Високиот суд во Лахоре денешната пресуда бидејќи, според него, „ЕЦП извршила непочитување на судот“.
Тој додаде дека случајот претходно бил закажан за 17 јануари, но сослушување имале денес, што, како што рече, ги прекршува правилата.
„Ова е уште една пристрасна одлука на овие членови на Изборната комисија и ние до Високиот суд ќе поднесеме тужба за непочитување на судот“, изјави тој.
Изборната комисија им наложи на поранешниот премиер и на неговите блиски соработници да се појават пред комисијата на 17 јануари.
Минатата година во август, изборните власти пратија опомена до Кан и неговите блиски соработници за непочитување на Изборната комисија на Пакистан, откако тие го обвинија главниот изборен комесар Сикандер Султан Раџа и изборното тело дека се подружница на владејачката партија.