Emre Aytekin
06 Ноември 2020•Ажурирај: 07 Ноември 2020
ЊУЈОРК (АА) - Поранешниот потпретседател на Соединетите Американски Држави (САД) и кандидат на Демократската партија на претседателските избори, Џо Бајден, го презеде водството во сојузната држава Џорџија и е сѐ поблизу до изборната победа над републиканскиот ривал и актуелен претседател Доналд Трамп, јавува Агенција Анадолија (AA).
Медиумската куќа „Вашингтон пост“ објави дека во Џорџија се пребројани 98 отсто од гласачките ливчиња и дека Бајден премина во водство за 917 гласа.
Џорџија дава 16 електорски гласови што би го довеле Бајден на чекор до Белата куќа, но сè уште е рано да се зборува за победник бидејќи се бројат преостанатите гласови, а разликата е исклучително мала. Можно е дури да дојде и до повторно пребројување на гласачките ливчиња бидејќи разликата е помала од 0,5 отсто.
Според неофицијалните резултати, Бајден досега има собрано 253 електорски гласа, додека Трамп на своето конто има 214 електори. За влез во Белата куќа на кандидатите им се потребни минимум 270 електори.
Резултатите од изборите сè уште не се објавени за Пенсилванија, Северна Каролина, Џорџија, Аризона, Невада и Алјаска, а тие сојузни држави даваат вкупно 71 електори.
Трамп моментално води во Пенсилванија, Северна Каролина и Алјаска, додека Бајден е во водство во Невада, Аризона и Џорџија.
Доколку остане така до крајот на пребројувањето на гласовите, Бајден би славел победа со 286 електорски гласови, наспроти Трамп, кој со 252 електори би морал да ја напушти Белата куќа.