Safiye Karabacak
15 Март 2024•Ажурирај: 16 Март 2024
АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Околу 80.000 палестински верници денес го клањаа првиот џума-намаз (петочна молитва) во овогодинешниот Рамазан, месецот на постот, во џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Ал-Кудс (Ерусалим) и покрај израелските ограничувања, јавува Анадолу.
Десетици илјади Палестинци од раните утрински часови ги поминаа воените контролни пунктови меѓу Западниот Брег и Ал Кудс и се упатија кон Ал Акса. По неколкучасовно патување, Палестинците пеш стигнаа до Ал Акса и таму го клањаа првиот џума-намаз во Рамазан.
Управата на исламските вакафи во Ал-Кудс соопшти дека 80.000 Палестинци ја извршиле петочната молитва.
По петочната молитва, беше извршен погребна молитва во отсуство за загинатите во израелските напади на Појасот Газа и на Западниот Брег.
Имамот и хатиб од џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Ал-Кудс, Екрима Сабри, во хутбата ги пофали оние кои дојдоа во Ал Акса и покрај ограничувањата.
„Оваа ваша света прошетка испраќа порака до оние кои ја посакуваат Ал Акса, дека таа не може да се подели, дека им припаѓа само на муслиманите и дека преговорите за тоа нема да бидат дозволени“, рече Сабри.
Тој критикуваше „некои арапски и исламски земји што молчат пред израелските напади врз Газа, додека други само дадоа изјави за осуда“.
Израелската полиција од утрото е стационирана во близина на Ал Акса, каде со железни бариери ги затвори патиштата околу Стариот град.
Израелската државна телевизија КАН објави дека 3.000 израелски полицајци се распоредени во Ал Кудс.
Израелската полиција која го проверуваше идентитетот на Палестинците кои сакале да отидат во Ал Акса на петочна молитва, не им дозволи на многумина да влезат во ова свето место.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека израелските сили не дозволиле медицинските тимови да влезат во џамијата Ал Акса.
Израел го ограничи пристапот на палестинските верници до џамијата Ал Акса за време на зголемените тензии низ окупираниот Западен Брег поради офанзивата на израелската Армија во Појасот Газа во која загинаа повеќе од 31.490 Палестинци.
За муслиманите, Ал Акса претставува третото најважно светилиште, а Евреите тврдат дека порано таму имало два еврејски храма.
Комплексот Ал Акса, кој зафаќа 15 отсто од површината на старото јадро на Ал-Кудс, е под израелска окупација и претставува точка на спојување на трите најголеми религии во светот.
Израел го окупираше источниот дел на Ал-Кудс, каде што се наоѓа Ал Акса, за време на арапско-израелската војна во 1967 година. Израел го анектираше целиот град во 1980 година, а оваа акција никогаш не беше призната од меѓународната заедница.