свет

Земјотрес со магнитуда од 7,4 степени однесе најмалку еден живот во Индонезија

Американскиот систем за предупредување од цунами соопшти дека се можни бранови во радиус од 1.000 километри од епицентарот, што потенцијално ќе ги зафати и бреговите на Индонезија, Филипините и Малезија

Riyaz Khaliq Khaliq, Esra Tekin  | 02.04.2026 - Обновена : 03.04.2026
Земјотрес со магнитуда од 7,4 степени однесе најмалку еден живот во Индонезија

ИСТАНБУЛ (АА) - Земјотрес со магнитуда од 7,4 степени го погоди северниот дел на Молучкото Море во источна Индонезија рано утрово, при што загина најмалку едно лице, а беа издадени и предупредувања за цунами во делови од регионот, јавува Анадолу.

Загинатото лице е пријавено во Манадо, според „Антара њуз“. Индонезиската телевизија „Метро“ соопшти дека лицето го загубило животот од пад на остатоци. Снимките покажуваат оштетени згради во подрачјето.

Американскиот систем за предупредување од цунами соопшти дека се можни бранови во радиус од 1.000 километри од епицентарот, што потенцијално ќе ги зафати и бреговите на Индонезија, Филипините и Малезија.

Земјотресот е регистриран на длабочина од 35 километри, со епицентар на околу 127 километри западно-северозападно од Тернатате, според Геолошкиот завод на САД. Градот има население од повеќе од 205.000 жители.

Абдул Мухари, раководител на Националната агенција за управување со катастрофи на Индонезија, изјави дека тимовите во Манадо и Битунг во Северен Сулавеси, како и во Терната во Северен Малуку, ги проверуваат зградите и проверуваат за евентуални дополнителни жртви.

„Сè уште собираме податоци за да го потврдиме бројот на жртви и штетата на секоја локација“, изјави Мухари за австралиската „Еј-би-си њуз“.

„Навистина имаше претходни јавувања за жртви од Регионалната агенција за управување со катастрофи, но подоцна ќе дадеме ажурирани детали во врска со точните бројки... Нашите тимови сè уште работат на терен“, рече тој.

Жител на Манадо истакна дека луѓето ги напуштиле своите домови во паника. Иако немало видлива штета во населбата, предмети паѓале од полиците и струјата била прекината.

Властите во неколку области, меѓу кои и Терната и Тидор - дел од историските острови Спајс - ги повикаа жителите да се подготват за евентуална евакуација.

Индонезија се наоѓа по должината на Пацифичкиот огнен прстен, сеизмички активна зона каде што се допираат тектонските плочи, што предизвикува чести земјотреси и вулканска активност.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın