Ahmet Gürhan Kartal
18 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
ЛОНДОН (АА) - Министрите за надворешни работи на земјите од групата Г7 и Европската Унија ги осудија „континуираните активности на Русија за поткопување на суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Украина“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министрите на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД, заедно со високиот претставник на ЕУ, во заедничкото соопштение ја потврдија нивната „непоколеблива поддршка и посветеност на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници“.
Соопштението е издадено по повод седмата годишнина од незаконската и нелегитимна руска анексија на Крим и градот Севастопол во кое се додава: „Обидите на Русија тоа да го легитимира не се признаваат и нема да бидат признаени.“
„Ги осудуваме прекршувањата на човековите права од страна на Русија на полуостровот, особено на кримските Татари“, се истакнува во него.
Се повикува Русија да ги почитува своите меѓународни обврски, да дозволи пристап на меѓународните набљудувачи и итно да ги ослободи сите кои се неправедно притворени.
„Во принцип, ја поздравуваме иницијативата на Украина за формирање Меѓународна платформа за Крим, со цел консолидирање на напорите на меѓународната заедница за Крим.“
Тие исто така силно се спротивставуваат на „континуираната руска дестабилизација на Украина, особено на дејствувањето на Русија во одредени области на регионите Доњецк и Луганск, не почитувајќи ги обврските што ги презеде според Договорите од Минск.“
„Целосното имплементирање на Договорите од Минск е патот кон мирот. Русија е страна во конфликтот во источна Украина, а не медијатор.“
Поздравувајќи го минатогодишниот прекин на огнот, во соопштението се вели и дека тие „жалат за неодамнешните воени ескалации на вооружените формации поддржани од Русија на линијата на контакт“.
„Ја повикуваме Руската Федерација да престане да го разгорува конфликтот со обезбедување финансиска и воена поддршка на вооружените формации што ги поддржува во источна Украина, како и со доделување руско државјанство на стотици илјади украински граѓани, и наместо тоа, да обезбеди, неодамна преземените чекори од Украина насочени кон подобрување на животот на луѓето од двете страни на линијата на контакт, да бидат реципрочни.“
Пофалувајќи ги напорите за изнаоѓање мирно решение за регионот, министрите ги повикаа сите страни на целосно спроведување на Договорите од Минск.
„[Групата] Г7 останува целосно посветена на спроведувањето на санкциите и ќе продолжи да биде покрај Украина за поддршка на нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет во рамките на нејзините меѓународно признати граници. Крим е Украина“, се додава во соопштението на земјите членки на групата Г7 и на ЕУ.
Руските сили влегоа на полуостровот Крим во февруари 2014 година. Рускиот претседател Владимир Путин следниот месец официјално го подели регионот на два одделни федерални субјекти на Руската Федерација.
Етничките Татари на Крим се соочуваат со прогон од преземањето на полуостровот од страна на Русија во 2014 година.
Турција и САД, како и Генералното собрание на ОН, сметаат дека анексијата е нелегална.