Зеленски тврди дека Русија се обидува да влезе во украинскиот регион Дњепропетровск
„Тие ќе сторат сè за да ја преминат административната граница на регионот Дњепропетровск. Тие го сакаат тоа. Досега не успеаја“, изјави Зеленски.

ИСТАНБУЛ (АА) – Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека руската Армија се обидува да премине во украинскиот регион Дњепропетровск, додека руската офанзива продолжува, јави украинската државна новинска агенција Украинформ, пренесува Анадолу.
„Тие ќе сторат сè за да ја преминат административната граница на регионот Дњепропетровск. Тие го сакаат тоа. Досега не успеаја“, изјави Зеленски пред новинарите на брифингот.
Според Зеленски, руските сили исто така се обидуваат да го заземат градот Покровск во источниот регион Доњецк, кој претставува еден од клучните фронтови во војната. Тој нагласи дека заземањето на Доњецк, како и на источниот регион Луганск, останува стратешка цел на Москва уште од 2014 година.
Украинскиот претседател истакна дека Русија има намера да воспостави „безбедносна тампон-зона“ широка 10 километри во североисточниот регион Суми. Гувернерот на регионот, Олех Хригоров, соопшти дека четири села се под руска контрола.
„Сега тие акумулираат војници во правец на Суми. Повеќе од 50.000“, рече Зеленски, додавајќи дека презеле мерки за да спречат офанзива на север.
Тој воедно ги отфрли шпекулациите за евентуална руска офанзива во јужниот регион Херсон.
Говорејќи за можностите за идни мировни преговори, Зеленски ги посочи Турција, Ватикан и Швајцарија како најреалистични локации за директни преговори со Русија, притоа оценувајќи дека таквите преговори во Белорусија се „едноставно невозможни“.
Минатата недела, рускиот претседател Владимир Путин нареди формирање на „безбедносна тампон-зона“ покрај границата со Украина.
На 16 мај, со посредство на Турција, во Истанбул се одржаа првите директни преговори меѓу Москва и Киев по три години, на кои беше постигнат договор за размена на по 1.000 затвореници од двете страни.
Подоцна, Путин и американскиот претседател Доналд Трамп се согласија за започнување преговори за прекин на огнот и подготовка на меморандум за можен мировен договор.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.