Burç Eruygur
05 Декември 2024•Ажурирај: 06 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес воведе санкции за 19 члена на грузиската Влада, вклучително и за премиерот, јавува Анадолу.
„Штотуку потпишав уредба со која стапува на сила одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за санкции“, истакна Зеленски за време на видеообраќањето, нагласувајќи дека санкциите се против делот на грузиската Влада што, како што рече, „му ја предава Грузија на (рускиот претседател Владимир) Путин“.
Украинскиот претседател рече дека вовел санкции за 19 члена на Владата, меѓу кои и Бидзина Иванишвили, почесен претседател на грузиската владејачка партија Грузиски сон. Уредбата објавена на веб-страницата на украинскиот претседателски кабинет го вклучува и премиерот Иракли Кобахидзе.
„Вака функционираат нештата во меѓународните работи: ако не одговорите навреме или не одговорите принципиелно, тогаш се губат децении, а на земјите им се краде слободата“, истакна Зеленски.
Коментарите на Зеленски дојдоа еден ден откако тој рече дека Киев подготвува „правен одговор“ на тековните случувања во Грузија, како и дека работи со европските и другите партнери на Украина на конкретни активности.
Тој ги обвини грузиските власти за туркање на земјата во „јасна зависност од Русија“.
Грузиските власти сѐ уште не одговорија на санкциите на Украина.
Санкциите следуваа откако про-ЕУ протестите продолжуваат низ целата земја, вклучително и главниот град Тбилиси, против најавата на Кобахидзе на 28 ноември дека Грузија ќе ги прекине преговорите за пристап во ЕУ до 2028 година.
Од почетокот на протестите, според Министерството за внатрешни работи, уапсени се над 290 лица, а повредени се над 150 полицајци.