Зеленски потпиша указ за воведување санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
„Ова е направено со заобиколување на санкциите од ЕУ, Г7 и други држави, и е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море“
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес потпиша указ со кој се воведуваат санкции за 91 брод за кои се тврди дека се дел од „флотата во сенка“ на Русија, пренесува Анадолу.
Во соопштението од Кабинетот на украинскиот претседател се вели дека со указот се спроведува претходна одлука на Советот за национална безбедност и одбрана и дека бродовите се користеле за „транспорт на нафта и нафтени производи“ од руски пристаништа до трети земји.
„Ова е направено со заобиколување на санкциите од ЕУ, Г7 и други држави. Ова е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море“, се наведува во соопштението.
Се додава дека санкционираните бродови пловеле под знамиња на околу 20 земји, меѓу кои само едно било руско, а дека Киев ќе им обезбеди релевантни информации на засегнатите земји и ќе соработува со партнерите за натамошно синхронизирање на санкциите.
Се наведува дека 27 брода на листата веќе се под санкции од партнерите на Украина - САД, Велика Британија, Швајцарија и ЕУ.
Кабинетот на претседателот соопшти дека работата за санкционирање на преостанатите 64 брода ќе продолжи и дека санкционирањето на „флотата во сенка“ е приоритет за Киев бидејќи овозможува „вршење притисок врз сите што транспортираат руска нафта и на тој начин ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
