Esra Tekin
13 Јануари 2025•Ажурирај: 14 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера ја изрази подготвеноста на Киев да му предаде двајца заробени севернокорејски војници на Пјонгјанг во замена за враќање на украинските воени заробеници кои се држат во Русија, јавува Анадолу.
Зеленски во саботата изјави дека двајца севернокорејски војници биле заробени од украинските војници за време на борбите во рускиот регион Курск, каде што Киев започна упад уште во август 2024 година.
„Доколку (лидерот на Северна Кореја) Ким Јонг Ун се сеќава на овие негови граѓани и е способен да организира размена за нашите војници кои се држат во Русија, ние сме подготвени да ги предадеме тие војници“, рече Зеленски во видеообраќањето.
Додавајќи дека Службата за безбедност на Украина продолжува да работи со двајцата севернокорејски затвореници кои биле префрлени во Киев по нивното апсење, Зеленски тврди дека едниот од нив изразил желба да остане во Украина, додека другиот сака да се врати во Северна Кореја.
Зеленски, исто така, предупреди дека „несомнено“ ќе има повеќе севернокорејски војници кои ќе бидат заробени од украинските сили.