Davit Kachkachishvili
10 Ноември 2022•Ажурирај: 11 Ноември 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, по наводите на Русија дека „одбранбената линија во Херсон ќе биде повлечена на левиот брег на реката Днепар“, рече дека никој не го напушта местото освен ако не ја почувствува силата од спротива, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски во видеопораката што синоќа ја сподели на својот профил на социјалната мрежа Телеграм, истакна дека војната во неговата земја против Русија продолжува и дека најтешките судири се интензивирани на Доњецкиот фронт.
Коментирајќи ја изјавата на руското Министерство за одбрана дека „одбранбената линија во градот Херсон ќе биде повлечена на левиот брег на реката Днепар“, Зеленски во видеопораката порача:
„Полека напредуваме на југ, чекор по чекор ги зајакнуваме нашите позиции. Денеска има многу радост во информативниот простор и причината е многу јасна, но нашите емоции секогаш треба да бидат воздржани за време на војна.“
Истакнувајќи дека не сака да сподели многу информации за тековниот контранапад на фронтот, Зеленски наведе: „Дефинитивно нема да го нахранам непријателот со сите детали од нашите операции, ниту на југ, ниту на исток, ниту на кое било друго место. Кога ќе го постигнеме планираното, тоа сигурно сите ќе го видат“, рече тој.
Зеленски, истакнувајќи дека Украинската армија ја покажува својата сила на теренот, додаде:
„Но мора да разберете следното. Никој не го напушта местото освен ако не ја почувствува силата [од спротива]. Непријателот не ни дава подароци, ниту прави гестови на добра волја. Се бориме за сè.“
„На тој начин ќе обезбедиме ослободување на Херсон, Каховка, Доњецк и други градови. Но тоа секако ќе биде резултат на нашите напори и на нашите одбранбени операции“, порача Зеленски, истакнувајќи дека војската дејствувала многу внимателно, без да биде емотивна и без да се изложува на непотребни ризици.
Тврдејќи дека постои можност руските војници да ја урнат браната на хидроцентралата во градот Каховка во областа Херсон, украинскиот претседател ги повика руските сили да се држат настрана од обидите за провокација во овој регион.