свет

Зеленски го поздрави повикот на Г7 за прекин на огнот, повика на продолжен притисок врз Москва

– Украинскиот претседател Зеленски го поздрави заедничкото соопштение на шефовите на дипломатија на Г7, издадено Канада, во кое се повикува на итен прекин на огнот и користење на сегашната линија на контакт како почетна точка за идните преговори

Alperen Aktaş  | 13.11.2025 - Обновена : 13.11.2025
Зеленски го поздрави повикот на Г7 за прекин на огнот, повика на продолжен притисок врз Москва

ИСТАНБУЛ (АА) – Украинскиот претседател Владимир Зеленски го поздрави заедничкото соопштение на министрите за надворешни работи на Г7, издадено во Нијагара, Канада, во кое се повикува на итен прекин на огнот и користење на сегашната линија на контакт како почетна точка за идните преговори, јавува Анадолу.

Во изјавата дадена денес, Зеленски го истакна значењето на јасниот и принципиелен став на земјите од Г7 во однос на завршувањето на конфликтот и почитувањето на меѓународно признатите граници.

Тој изрази благодарност за заложбата на Г7 да ги зголеми трошоците за Русија и за сите субјекти кои ѝ помагаат во нејзината воена агресија, како и за осудата на воената поддршка што Москва ја добива од Северна Кореја и, наводно, Иран, како и за сомнителниот трансфер на компоненти со двојна намена од Кина.

„Го ценам изразениот став за поддршка на украинскиот енергетски систем во услови на засилени руски напади, како и иницијативата за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина“, изјави Зеленски, упатувајќи благодарност до лидерите на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство, САД и Европската Унија за, како што рече, нивниот „принципиелен пристап“.

Тој додаде дека координираниот меѓународен притисок мора да продолжи „по секој руски напад и бруталност“.

Во соопштението на Г7 објавено вчера по дводневниот состанок, се потврдува долгорочната поддршка за суверенитетот на Украина и се вели дека е потребен итен прекин на огнот, при што постојната контактна линија ќе биде основа за идните разговори.

Во соопштението исто така е изразена загриженост поради најновите руски напади врз енергетската инфраструктура и е поддржано спроведувањето на мерките за засилување на енергетската безбедност на Украина.

Русија, од своја страна, ги одби западните повици за „замрзнување“ на сегашната линија на контакт, повикувајќи на трајно решение за конфликтот наместо на привремен договор.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.