Rabia İclal Turan
17 Август 2022•Ажурирај: 18 Август 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, ги повика Украинците да бидат внимателни по експлозиите во вторникот на украинскиот полуостров Крим, кој Русија го анектира во 2014 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Сега ги молам сите наши луѓе на Крим, во другите региони на југот на земјата, во окупираните области на Донбас, во регионот Харков, да бидат многу внимателни. Ве молиме, не се приближувајте до воените објекти на Руската армија и до сите оние места каде што складираат муниција и опрема“, рече Зеленски во обраќањето до нацијата.
Русија ги обвини „украинските саботери“ за експлозиите во едно од нејзините складишта за муниција во Џанкој, Крим. Според руското Министерство за одбрана, експлозиите оштетиле цивилни објекти, вклучувајќи далноводи, електрани, железници и станбени згради.
Русија го анектира украинскиот полуостров Крим во 2014 година, што многумина го гледаат како увертира за тековната војна во Украина, која Москва ја започна на 24 февруари оваа година.