Halit Süleyman,Selen Temizer
06 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
АЛ БАБ (АА) - Во продолжение на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, Турските вооружени сили и силите на умерената сириска опозиција спроведуваат операција за ослободување на градот Ал Баб во северна Сирија од терористите на ДЕАШ, а операцијата се спроведува со стратегија на внимателно планирање со цел да се избегнат цивилни жртви, јавува Anadolu Agency (AA).
Офанзивата „Штитот на Еуфрат“ беше започната на 24 август 2016 година, во северниот дел на Сирија со цел да се неутрализира терористичката закана, особено ДЕАШ, и со цел да се зајакне безбедноста во сириско-турскиот пограничен појас. Офанзивата ја спроведуваат силите на сириската опозиција, а во согласност со меѓународното право за самоодбрана, тие се поддржани од турските сили.
Во моментот, офанзивата е сконцентрирана на акциите за ослободување на Ал Баб, град којшто се наоѓа западно од Алепо, а е под контрола на терористите на ДЕАШ.
Во средината на декември, операцијата за ослободување на градот ја започнаа турските сили и умерената сириска опозиција, и тоа е најтешката задача во досегашниот тек на „Штитот на Еуфрат“ – не поради терористите на ДЕАШ, туку поради фактот што во Ал Баб се наоѓаат десетици илјади цивили, од вкупно 64.000, колку што живееја пред војната.
Репортерот на АА од теренот известува дека терористите на ДЕАШ ги користат цивилите како човечки штитови и своите упоришта, засолништа, бази и касарни ги поставуваат во населените места.
Турските сили и силите на умерената сириска опозиција пред секој напад прават проверки за постоењето на цивилниот фактор, па потоа ги напаѓаат позициите на ДЕАШ.
Како што дознава новинарот на АА од турски војници, терористите на ДЕАШ во центарот на Ал Баб користат здравствен центар и подземни простории од џамија како касарна. Турските сили досега не ги гаѓале тие терористички скривалишта со цел да се избегнат цивилни жртви.
Поради тоа, турските сили и сириската опозиција ја избраа стратегијата да не дејствуваат брзо во заземањето на градот, туку прво преку заземање на периферијата да го скршат отпорот на терористите. Досега се затворени речиси сите патишта по кои терористите на ДЕАШ добиваа поддршка во Ал Баб и нивниот отпор од ден на ден слабее.
Моментално терористите на ДЕАШ во Ал Баб се под окупација во северниот, западниот и во источниот дел. Турските сили и умерената сириска опозиција дојдоа на само километар или два од центарот на градот.
Од почетокот на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, од терористички елементи беше исчистен појас од над 35 километри долж сириско-турската граница. Појасот помеѓу Азаз и Џарабулус е целосно ослободен од терористите на ДЕАШ и ПЈД, односно сирискиот огранок на терористичката организација ПКК. Од терористите на ДЕАШ досега се ослободени вкупно 24 населени места во северниот дел на Сирија.