Alperen Aktaş
01 Август 2023•Ажурирај: 03 Август 2023
ИСТАНБУЛ (АА) – Поранешниот вицепремиер на Туркије изјави дека затворањето на училиштата на турското малцинство во Западна Тракија од страна на Грција е кршење на историските договори што ги гарантираат правата на малцинствата за образование на нивниот јазик, јавува Анадолу.
„Тоа јасно покажува дека Грција не ги почитува човековите права и правата на малцинствата“, изјави Хакан Чавушоглу за Анадолу.
Мнозинството од етничкото турско малцинство, приближно 150.000 луѓе, живее во Западна Тракија, која граничи со Бугарија на север, Туркије на исток, Егејското Море на југ и со грчкиот регион Македонија на запад.
Чавушоглу, кој моментно е претседател на парламентарната Комисија за човекови права и роден е во Западна Тракија, рече дека во 1926 година имало 307 малцински основни училишта во регионот, но со неодамнешното затворање на девет училишта на 19 јули, тој број се намалил на само 90.
„Затворањето на училиштата има негативно влијание врз работната сила и вработувањето во образовниот сектор. Наставниците, персоналот и другите луѓе во регионот ќе бидат невработени и принудени да мигрираат“, предвиде тој.
Чавушоглу предупреди дека затворањето на училиштата може да ги зголеми нетолеранцијата и дискриминацијата во општеството, велејќи: „Кршењето на принципот на еднакви можности во образованието може да доведе до незадоволство кај другите членови на општеството.“
„Училиштата на малцинствата се можност да им се пренесат културното наследство, јазикот и традициите на муслиманскиот турски народ на идните генерации во Западна Тракија“, рече тој.
Чавушоглу потсети дека од 2011 година малцинските предучилишни ученици се принудени да посетуваат само градинки на грчки јазик.
„Оваа практика е јасна политика на асимилација. Секоја одлука што ги исклучува семејствата, претставниците на заедниците и институциите во земјата ги крши малцинските права на Договорот од Лозана.“
Тој смета дека подобрувањето на турско-грчките односи е директно поврзано со правата на малцинствата во регионот.
„По земјотресот во 1999 година беше изградена дополнителна зграда за средното малцинско училиште 'Гумулџине Џелал Бајар' како резултат на зближувањето меѓу тогашните министри за надворешни работи Исмаил Џем и Јоргос Папандреу. Ова значително го зголеми образовниот капацитет на училиштето“, нагласи тој.
„Туркије е држава гарант за правата на муслиманското турско малцинство во Западна Тракија“, истакна Чавушоглу, нагласувајќи дека Туркије и Грција можат да бидат пример за сите соседни земји со мирниот и конструктивен пристап за решавање на проблемите во Западна Тракија во рамките на добрососедските односи.
„Развојот на механизми за директен дијалог меѓу Туркије и Грција може да помогне во зајакнувањето на билатералните односи, решавањето на прашањата и зголемувањето на регионалната стабилност“, додаде поранешниот вицепремиер на Туркије, Хакан Чавушоглу.