ДОХА/АНКАРА (АА) - Министрите за надворешни работи на Турција, Русија и Катар, ја истакнаа решеноста да се спротивстават на сепаратистите во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
По трилатералниот состанок на министрите за надворешни работи на Турција - Русија - Катар, дадена е заедничка декларација.
Во декларацијата се наведува дека министрите за надворешни работи на државите Катар, Република Турција и Руската Федерација на средбата во Доха ги разгледале начините за соработка за да придонесат за трајно политичко решение на конфликтот во Сирија.
Во декларацијата се потенцира заложбата за заштита на суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Сирија, во согласност со Повелбата на Обединетите нации (ОН) и се наведува дека не може да се донесе воено решение за сирискиот конфликт.
- „Потенцирана е решеноста за борба против тероризмот во сите негови форми и манифестации“ -
Во декларацијата се истакнува дека во согласност со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН и Декларацијата од Женева во 2012 година се потврдува заложбата за поддршка на сириските страни за изнаоѓање на политичко решение на кризата.
„Потенцирана е решеноста за борба против тероризмот во сите негови форми и манифестации и за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија. Исто така, [министрите] ја истакнаа и нивната решеност да застанат против агендите на сепаратистите кои може да наштетат и на националната безбедност на соседните земји“, се нагласува во писмената декларација.
Во изјавата подвлечена е важната улога на Уставниот комитет и неопходноста од почитување на процедуралните правила и основните принципи на работа на Комитетот од страна на страните во Сирија.
Меѓу другото, потврдена е поддршката дадена за конструктивниот ангажман на Уставниот комитет без надворешна интервенција.
Со цел да се обезбеди одржлива и ефективна работа на Уставниот комитет за уставни реформи во Сирија, поддржани се напорите на специјалниот претставник на ОН за Сирија, Геир О. Педерсен.
Исто така, во изјавата се истакнува загриженоста за хуманитарната состојба во Сирија и за влијанието на епидемијата од Ковид-19 во здравствениот систем на Сирија, како и во однос на социјалните, економските и хуманитарните услови.
„Во однос на тоа, тие [министрите] ги повикаа Обединетите нации (ОН), агенциите на ОН, особено Светската здравствена организација, вклучително и иницијативата „Ковакс“, да ѝ дадат приоритет на вакцинацијата во Сирија“, се нагласува во заедничката изјава.
Со цел да се подобри хуманитарната состојба во Сирија и да се поддржи напредокот во процесот на политичко решение, истакната е неопходноста од зголемување на хуманитарната помош за сите Сиријци низ целата земја без дискриминација, политизација и предуслови.
Од друга страна, упатен е повик до меѓународната заедница, ОН и хуманитарните организации да ги зголемат своите напори за хуманитарната помош.
- „Треба да се осигура безбедно и доброволно враќање на мигрантите“ -
„[Министрите] ја истакнаа потребата да се осигура безбедно и доброволно враќање на мигрантите и внатрешнораселените лица“, се нагласува во декларација. Во овој контекст, во изјавата се наведува дека [министрите] се подготвени да продолжат со заедничките напори со сите релевантни страни, вклучувајќи го и Високиот комесаријат за бегалци на ОН и други специјализирани меѓународни организации.
Меѓу другото, посочено е значењето на ослободувањето на затвореници, особено на жени, деца и стари лица, со цел да се придонесе за напредок на политичкиот процес преку создавање позитивна атмосфера заснована на заемна доверба меѓу страните во Сирија.
Со упатување благодарност до домаќинот Катар за денешната средба, се додава:
„Министрите одлучија да ги назначат своите претставници да продолжат со напорите за постигнување на заедничките цели наведени во оваа декларација.“
news_share_descriptionsubscription_contact
