Stipe Mayiç
08 Јануари 2016•Ажурирај: 09 Јануари 2016
ЗАГРЕБ (АА) - Педесетгодишен маж утринава скокнал од зграда во загребската населба Шпанско и починал од повредите на патот кон болницата, додека во неговиот стан пронајдени се безживотните тела на жена, дете и повредено постаро лице, јавува Anadolu Agency.
Според службениот полициски извештај, во загребската населба Шпанско, на улицата Милан Рештар, број 44, утринава околу 7:30 часот, 50-годишен маж изврши самоубиство со скок од височина, од станот во којшто живеел. Во станот се пронајдени уште две мртви лица, жена, т.е сопругата на извршителот и мало дете, и уште едно повредено постаро женско лице, кое е однесено во болницата Свети дух.
Еден од соседите, кој се затекнал на местото на несреќата, неслужбено на новинарите им пренесе дека станува збор за маж кој ја убил сопругата и петгодишното дете, а мајката на сопругата тешко ја ранил, најверојатно со ладно оружје. Потоа, мажот се фрлил од четвртиот кат и смртно настрадал.
Според неофицијални податоци, по падот од четвртиот кат тој бил сè уште жив, но починал во возилото на итната помош на патот кон болницата.
Присуството на автомобили и вработени во воената полиција говори за тоа дека мажот најверојатно бил во воена служба.
Полицискиот увид е во тек и деталите за оваа тешка трагедија ќе бидат расветлени во текот на истрагата, порачуваат од полицијата.