Hatice Özdemir Tosun
22 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
АНТАЛИЈА (AA)
- Хатиџе Оздемир ТОСУН
Со отстранувањето на ограничувањето за летовите што го воведе Русија во рамките на превентивните мерки поради проширувањето на заразата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), Турција повторно е домаќин на руските туристи.
Туристите од Русија во утринските часови почнаа да пристигнуваат во Анталија, која го привлекува вниманието на туристите од целиот свет и која претставува „неопходна дестинација“ за Русите.
И покрај пандемијата на Ковид-19, се очекува Анталија да стане атрактивна дестинација со повторното воспоставување на летовите кон овој туристички центар, во кој минатата година одмораа приближно 1,5 милиони руски туристи.
Дениз Варол, генералниот директор на Аеродромот „Фрапорт ТАВ“ во Анталија, за Агенцијата Анадолу (АА) изјави дека Русија претставува значаен пазар за Турција и Анталија.
Изјавувајќи дека со укинувањето на ограничувањето на летовите се забележува зголемување на воздушниот сообраќај, Варол истакна: „Од првиот ден кога беше укинато ограничувањето на летот, започна сериозен прилив на руските туристи. Во текот на денот се очекува на аеродромот во Анталија да слетаат 44 авиони од Русија со 12.200 патници.“
Наведувајќи дека се очекува зголемување на бројот на летови и патници во наредните денови, Варол изјави дека се отворени два меѓународни терминали за услуги на патниците.
Наведувајќи дека гостите од Русија го заживеале туризмот, Варол рече: „Брзото зголемување на вакцинираните и намалувањето на бројот на новозаразени позитивно влијаеа на туризмот. Можеме да кажеме дека ќе бидеме домаќини на повеќе туристи отколку минатата година. Тековната придвиженост и копнежот за патувања го покажуваат тоа.“
- Првата реченица на туристите беше „Толку многу ни недостасуваа Турција и Анталија“
Руските туристи, кои во согласност со превентивните мерки за Ковид-19 го напуштија аеродромот и отидоа во хотелите во кои ќе престојуваат, изјавија дека „многу им недостасувале Турција и Анталија“.
Дану Галина, која пристигна во Турција да го мине својот одмор заедно со семејството, изјави дека е среќна што е во Турција и Анталија. Објаснувајќи дека за прв пат се наоѓа во градот, Галина рече: „Тука сум бидејќи сметам дека Турција, а особено Анталија, е многу популарна дестинација за одмор. Морето и одморот чекаат на мене. Во Анталија ќе престојувам 10 дена и посакувам да се одморам на најдобар можен начин.“
Изјавувајќи дека изминала тешка година поради епидемијата, Галина рече дека во Анталија посакува да се ослободи од заморот стекнат изминатата година.
Алена Олефир, една од туристите, рече дека дошла во Анталија на 8-дневен одмор. Зборувајќи дека на целото семејство многу му се допаѓа Турција, Олефир продолжи со зборовите: „Тука сме поради морето, песокот и сонцето. Претходно сме биле во различни земји, одморавме во Италија и Грција, но децата ја избраа Турција. Тоа е дестинација што навистина многу ни се допаѓа.“
Викторина Зиена изјави дека штом дознала дека е укинато ограничувањето на летовите, се јавила кај тур-операторот и купила аранжман. Зиена, зборувајќи дека сака да помине добар одмор, истакна дека Анталија е најидеалната дестинација за одмор на Русите.