Ekipa
31 Август 2022•Ажурирај: 01 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) - Новите санкции кон Русија денеска ќе бидат на дневен ред на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ), а се очекува министрите да разговараат и за забраната за издавање туристички визи за руските граѓани низ цела ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, потврди дека министрите за надворешни работи на состанокот во Прага, главниот град на Чешка, ќе го разгледаат неодамнешниот предлог на Естонија, Латвија и Финска за забрана на туристичките визи за Русите на ниво на ЕУ.
Борел, во пресрет на состанокот, чиј домаќин е чешката Влада која претседава со Советот на ЕУ, рече дека сите земји членки не се согласиле за ова прашање.
Тој вети дека ќе се обиде да најде заеднички став бидејќи ЕУ „не може да дозволи да изгледа поделена во толку важно прашање што влијае на меѓучовечките односи меѓу руското и европското општество“.
„Мислам дека додека Украинците страдаат, туризмот не треба да продолжи како и обично и треба да бидеме порестриктивни“, рече финскиот министер за надворешни работи, Пека Хависто.
Тој рече и дека од 1 септември Финска ќе издава само 10 отсто од вообичаениот број туристички визи за руските граѓани.
Хависто, исто така, нагласи дека ЕУ мора „да продолжи да ја поддржува Украина, да врши притисок врз Русија и да се справи со пошироките последици од конфликтот што го афектира целиот свет“.
„Предлагаме целата ЕУ да преземе слична акција“, рече Хависто.
Балтичките земји и Полска, Чешка и Данска го поддржаа овој предлог, а Германија и Франција се спротивставија, наведувајќи дека ЕУ не треба да ги прекинува врските со руското население.
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, рече дека нејзината земја повеќе би сакала „да го суспендира визниот договор што ѝ дава повластен третман на Русија“, наместо целосна забрана за туристички визи.