Selen Temizer
09 Декември 2021•Ажурирај: 10 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Советот на Европската Унија (ЕУ) соопшти дека е прифатена регулативата за формирање Агенција за азил на ЕУ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на Европскиот совет се нагласува дека регулативата одобрена од Советот има за цел да го подобри спроведувањето на политиката за азил во ЕУ и постојната Канцеларија за поддршка на азилот на ЕУ да ја трансформира во целосно овластена агенција.
Агенцијата ќе обезбеди поддршка на земјите членки за прашања како што се идентификување и регистрирање државјани на трети земји, доколку земјите тоа го сакаат.
Меѓу другото, Агенцијата ќе обезбеди позиција наречена „службеник за фундаментални права“, кој ќе проверува дали Агенцијата, при своето дејствување, ги почитува основните права на мигрантите.
Освен тимот на агенцијата, ќе се формира и персонал од најмалку 500 експерти за азил. Оваа група ќе обезбеди оперативна поддршка на земјите членки на терен.
Од 31 декември 2023 година, агенцијата ќе започне да ги следи земјите членки на кој начин го спроведуваат заедничкиот систем за азил на ЕУ.
На пример, ќе ги контролира областите како што се основните права, гаранциите за заштита на децата и условите за прием.
Регулативата за Агенцијата за азил на ЕУ ќе биде објавена во Службениот весник на ЕУ откако ќе биде усвоена од Советот. Регулативата ќе стапи на сила 20 дена подоцна.
Првиот предлог за агенцијата беше даден за време на мигрантската криза во 2016 година.
Основањето на агенцијата се опишува како прв конкретен чекор преземен од ЕУ кон нејзините ширококритикувани практики за миграцијата.