Ekip
28 Септември 2022•Ажурирај: 28 Септември 2022
КУДС (АА) ‒ Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Палестина ситуацијата на Западниот Брег ја нарече „многу кревка“ поради секојдневните напади на израелската војска на окупираната територија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Најмалку четворица Палестинци беа убиени, а десетици повредени за време на рација која израелските војници ја извршија денеска во бегалскиот камп „Џенин“ на северот од окупираниот Западен Брег“, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Делегацијата на ЕУ рече дека жали за загубата на животи и дека е вознемирена од наглото зголемување на насилството во „Џенин“, по упадот на ИСФ (Израелските безбедносни сили).
„Сите страни мора да покажат максимална воздржаност во употребата на смртоносна сила за да се спречи загубата на животи и да се избегне поттикнување на понатамошни тензии на Западниот Брег во и онака многу кревката ситуација“, се додава во ова соопштение.
Делегацијата на ЕУ истакна дека „насилството треба веднаш да престане“.
Според палестинските податоци, повеќе од 140 Палестинци се убиени, а стотици се повредени од оган на израелската војска на окупираните територии од почетокот на оваа година.