свет

ЕУ се согласи да ги „имобилизира“ руските средства на неодредено време

„ЕУ штотуку одлучи да ги имобилизира на неодредено време руските средства. Ова гарантира дека до 210 милијарди евра руски средства ќе останат на територијата на ЕУ, освен ако Русија целосно не исплати репарации на Украина“

İlayda Çakırtekin  | 12.12.2025 - Обновена : 13.12.2025
ЕУ се согласи да ги „имобилизира“ руските средства на неодредено време

ИСТАНБУЛ (АА) – Европската Унија (ЕУ) денес одлучи да ги „имобилизира на неодредено време“ руските средства што се чуваат во Европа, објави шефицата за надворешна политика на Унијата, Каја Калас, јавува Анадолу.

„ЕУ штотуку одлучи да ги имобилизира на неодредено време руските средства. Ова гарантира дека до 210 милијарди евра руски средства ќе останат на територијата на ЕУ, освен ако Русија целосно не исплати репарации на Украина за штетата што ја предизвика“, соопшти Калас преку американската компанија за социјални медиуми X.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја поздрави одлуката, нагласувајќи дека ова испраќа „силен сигнал“ до Русија дека нејзините трошоци ќе продолжат да растат сè додека трае војната.

„На октомврискиот EUCO (состанок на Европскиот совет), лидерите на ЕУ се обврзаа да ги држат руските средства имобилизирани сè додека Русија не ја заврши својата војна на агресија врз Украина и не ја надомести предизвиканата штета. Денес ја исполнивме таа обврска“, истакна претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, на X.

Одлуката доаѓа во време кога блокот има за цел „да ослободи“ 90 милијарди евра за Украина, или со директно позајмување средства или со користење на руските средства замрзнати под санкции на „Евроклир“ (Euroclear).

Белгија, која е домаќин на „Евроклир“ - главниот депозитар на замрзнатите руски средства во ЕУ - изрази резерва во врска со планот, стравувајќи дека земјата би можела да се соочи со правни предизвици и сама да сноси финансиска одговорност. Белгиската Влада инсистираше на неколку измени во првичниот предлог на Европската комисија за справување со потенцијалните финансиски и правни ризици и подобра заштита на „Евроклир“.

Во меѓувреме, Руската централна банка денес соопшти дека плановите на ЕУ за користење на нејзините замрзнати средства се нелегални и се закани дека ќе го оспори предлогот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.