Ata Ufuk Şeker
03 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
БРИСЕЛ
Членот на Комисијата за економски и финансиски прашања на Европската Унија (ЕУ), Пјер Московици, во однос на процесот за Брегзит истакна: „На 12 април, ние сме соочени со ситуација кога е зголемен ризикот за одвојување без договор“, јавува Anadolu Agency (AA).
Московици во Брисел одржа прес-конференција за подготовка на царините во однос на Брегзит.
Изјавувајќи дека жали поради одлуката на Велика Британија за одвојување од ЕУ, Московици нагласи: „Многу напори потрошивме за да се постигне одвојување со договор. Сепак, ние ги завршивме подготовките за секоја можност. На 12 април, соочени сме со ситуација кога е зголемен ризикот за одвојување без договор“.
Московици изјави дека ако Велика Британија се одвои од ЕУ без договор, тоа значително ќе влијае врз царините и додаде: „Ако има одвојување без договор, Велика Британија за еден ден ќе стане 3-та земја за ЕУ. Тоа е значајна промена. Оваа ситуација ќе има значителни ефекти во областа на царината и даноците меѓу Велика Британија и ЕУ“.
Тој, исто така, потсети дека сите производи што ќе доаѓаат во ЕУ од Велика Британија ќе бидат предмет на правилата за царина на Унијата и дека веднаш ќе почне царинска контрола и надзор на билатералната трговија.
Московици истакна дека европските компании што ќе сакаат континуирано да тргуваат со Велика Британија ќе треба да подготват документи за извоз и увоз. Тој, исто така, наведе дека ќе се применуваат различни даноци за сите производи што ќе се увезуваат од Велика Британија.
Потсетувајќи дека багажот што го носат граѓаните ќе биде предмет на царинска контрола, Московици рече дека патниците треба да се однесуваат во согласност со законодавството на ЕУ.
Со референдумот одржан на 23 јуни, 2016 година, Британија донесе одлука за напуштање на Европската Унија. Членот 50 од Лисабонскиот договор – со којшто официјално ќе започнеше процедурата за излез од ЕУ – Британија го активираше на 29 март 2017 година и на тој начин започна процесот на преговори кој требаше да трае 2 години.
Според договорот меѓу ЕУ и Велика Британија, Брегзит требаше да се одржи на 29 март, но беше одложен за 12 април.
Велика Британија побара понатамошно одложување на одвојувањето, а од друга страна, лидерите на земјите членки на ЕУ на 10 април ќе се состанат во Брисел на Самитот за Брегзит.