Ömer Tuğrul Çam
06 Април 2021•Ажурирај: 07 Април 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) планира 70 отсто од возрасната популација да ја прими вакцината против Ковид-19, чии дози треба да се дистрибуираат до земјите членки до крајот на јуни, јавува Агенција Анадолија (АА).
Официјалните претставници на ЕУ објавија дека од почетокот на оваа година до крајот на март, на земјите членки веќе ќе им бидат испорачани 100 милиони дози вакцина.
Планирано е до крајот на јуни да се дистрибуираат 360 милиони дози од вакцината против Ковид-19.
Целта е до крајот на вториот квартал, односно до крајот на јуни, да бидат вакцинирани 70 отсто од возрасната популација во земјите на ЕУ, во кои вкупно живеат околу 450 милиони жители.
Стефан де Кирсмекер, портпаролот на Европската комисија, на дневната прес-конференција изјави дека со вакцинацијата може да се постигне потребниот колективен имунитет во борбата против коронавирусот.
„Меѓутоа, тоа и понатаму зависи од испораката на вакцините и програмите за вакцинација што ги спроведуваат државите членки“, изјави Де Кирсмекер.
Европската агенција за лекови (EMA) досега ја одобри употребата на четири вакцини против коронавирусот во членките на ЕУ. Тоа се вакцини што ги произведоа компаниите „БајоНтек-Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“.