Şerife Çetin
27 Јуни 2018•Ажурирај: 28 Јуни 2018
ЛУКСЕМБУРГ (АА) - Европската унија (ЕУ) соопшти дека е донесена одлука за преговорите за членство на земјите кандидати, Македонија и Албанија, да се започнат во јуни 2019 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Денеска во Луксембург се одржа состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, по кој беше објавена завршна декларација во која се оценува состојбата на напредокот во процесот на членство во ЕУ на шест земји, меѓу кои на Македонија, Турција и Албанија.
Во оваа декларација се наведува дека продолжува одлучноста околу процесот на проширување на ЕУ и европската перспектива на Западен Балкан.
Во горенаведената декларација се вели дека Советот на ЕУ е задоволен од напредокот кој го постигнаа Македонија и Албанија.
„Советот донесе одлука за преговорите за членство на Македонија и Албанија да започнат во јуни 2019 година“, се нагласува во оваа декларација.
Заев: Преговорите за членство на Македонија во ЕУ ќе започнат во јуни 2019 година
Потсетуваме, премиерот на Република Македонија Зоран Заев на својот официјален профил на социјалните мрежи објави дека Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија, донесе одлука преговорите за членство на Република Македонија да започнат во јуни 2019 година.
„Уште еден голем ден за Република Македонија. Уште едно големо признание за нашата земја. Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија, на денешната седница донесе одлука преговорите за членство на Република Македонија да започнат во јуни 2019 година", напиша Заев.