свет

ЕУ: „На мандатот на Лукашенко му недостига демократски легитимитет“

- „Таканаречената инаугурација на Лукашенко е директно во спротивност со волјата на голем дел на белоруското население, што е изразено во масовните, без преседан и мирни протести по изборите“, наведе Борел.

Ekip  | 24.09.2020 - Обновена : 25.09.2020
ЕУ: „На мандатот на Лукашенко му недостига демократски легитимитет“

БРИСЕЛ

Комесарот за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), Џозеп Борел, денеска соопшти дека на новиот мандат на белорускиот претседател Александар Лукашенко му недостига демократски легитимитет, бидејќи се базира на лажирани изборни резултати, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Таканаречената инаугурација на Лукашенко е директно во спротивност со волјата на голем дел на белоруското население, што е изразено во масовните, без преседан и мирни протести по изборите“, наведе Борел.

Коментарот на Борел следуваше еден ден откако Лукашенко официјално положи заклетва за седми мандат како белоруски претседател, и покрај континуираните контроверзии околу резултатите од минатомесечните избори.

„ЕУ не ги признава резултатите од тие избори. Повикуваме на национален дијалог и нови инклузивни, транспарентни и веродостојни избори во согласност со волјата на белорускиот народ“, порача Борел.

Шефот на европската дипломатија, Борел, ја пофали храброста на демонстрантите кои продолжуваат мирно да демонстрираат за демократијата и за своите основни права, и ги повика белоруските власти да го запрат насилството.

„Церемонијата се одржа во Палатата на независноста во Минск“, соопштија од прес-кабинетот на претседателот.

Откако Лукашенко ја положи заклетвата, држејќи ја раката на Уставот на земјата, Лидија Јермошина, претседателката на Централната изборна комисија на Белорусија, му го предаде претседателскиот сертификат.

Протести избија откако Лукашенко, кој е претседател на земјата од 1994 година, беше прогласен за победник на изборите. Опозициските кандидати сепак ја обвинуваат администрацијата за местење на изборниот резултат.

Белоруската опозиција и поголем дел од меѓународната заедница, вклучувајќи ги САД и неколку европски земји, ги оспоруваат резултатите и победата на Лукашенко.

ЕУ разгледува воведување санкции за лицата вклучени во кршењето на човековите права и фалсификувањето на изборните резултати во Белорусија, а министрите за надворешни работи на ЕУ во вторникот во Брисел требаше да усвојат рестриктивни мерки.

Предлогот за овие мерки не успеа поради противењето на Јужен Кипар, кој ја поврза својата поддршка со предлогот за воведување санкции кон Турција во врска со конфликтот во Источниот Медитеран.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.