Ekipa
30 Август 2022•Ажурирај: 31 Август 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската комисија денес соопшти дека Европската Унија (ЕУ) ѝ донира на Украина 5,5 милиони таблети калиум јодид поради заканата од експлозија во нуклеарната централа Запорожје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со вкупна финансиска вредност од повеќе од 500.000 евра, таблетите ќе бидат испратени „како превентивна безбедносна мерка за зголемување на нивото на заштита околу нуклеарната централа Запорожје“, се вели во соопштението на извршното тело на ЕУ.
Пет милиони таблети се обезбедени од Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, додека Австрија придонесува со дополнителни 500.000 таблети по барање на украинската Влада.
„Ќе продолжиме да внимаваме и да бидеме подготвени да дејствуваме, бидејќи подготвеноста спасува животи“, рече еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич.
„Ниту една нуклеарна централа не треба да се користи како воен театар“, додаде тој, повикувајќи веднаш да престане воената акција околу нуклеарната централа Запорожје.
Таблетите калиум јодид пружаат заштита во случај на изложеност на високи нивоа на радијација при нуклеарна експлозија. Ја спречува тироидната жлезда да го апсорбира вдишаниот или проголтаниот радиоактивен јод.
Централата во Запорожје во четвртокот беше привремено исклучена од електричната мрежа на Украина откако последниот преостанат далновод се запали поради гранатирање.
Руските сили го зазедоа објектот од клучно значење набргу по почетокот на војната во Украина на 24 февруари.
Оттогаш, меѓународната заедница, вклучително ЕУ, ОН и САД, постојано ја предупредуваа Москва да не ја користи централата како штит во нападите на нејзините сили врз Украина и да престане да ги прекршува правилата за атомска безбедност.
Русија, од своја страна, вчера соопшти дека ја смета за неопходна посетата на претставниците на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAAE) на нуклеарната централа Запорожје во Украина.
Централата во Запорожје е најголемата нуклеарна централа во Европа, што произведува околу 20 отсто од електричната енергија во Украина.