Melike Pala
24 Јуни 2025•Ажурирај: 25 Јуни 2025
ХАГ (АА) - Европската Унија денес го поздрави прекинот на огнот меѓу Израел и Иран што го објави американскиот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи го „важен чекор“ кон враќање на стабилноста во регионот обележан со ескалација на тензиите, јавува Анадолу.
„Европа го поздравува објавувањето на прекинот на огнот од страна на претседателот Трамп. Тоа е важен чекор кон враќање на стабилноста во регион во кој се зголемени тензиите. Ова мора да биде наш колективен приоритет“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на социјалната мрежа Х.
Трамп вчера изјави дека Израел и Иран се согласиле на „целосен“ и „тотален“ прекин на огнот, со што завршила „12-дневната војна“ што започнала со израелски напади врз иранските нуклеарни и воени објекти на 13 јуни. Иран возврати со ракетни напади.
Во недела изутрина САД бомбардираа три ирански нуклеарни постројки, тврдејќи дека ги уништиле целосно. Како одмазда, Иран синоќа истрела бараж од ракети врз воздухопловната база „Ал Удеид“ на американската војска во Катар.
Прекинот на огнот стапи на сила денес во 04:00 часот по Гринич, а Трамп ги повика двете страни да не го прекршуваат.
Фон дер Лајен, исто така, го повика Иран да се вклучи „сериозно во кредибилен дипломатски процес“, нагласувајќи дека дипломатијата останува единствено одржливо решение за кризата околу нуклеарната програма на Техеран.