Mustafa Deveci
05 Декември 2020•Ажурирај: 06 Декември 2020
ЕРУСАЛИМ
Претставништвата на Европската Унија (ЕУ) во окупираниот Источен Ерусалим и Рамала упатија повик до Израел да го испита нападот во кој беше убиен 13-годишниот Палестинец Али Абу Алија, известува Агенција Анадолија (АА).
Претставниците на ЕУ во Источен Ерусалим и Рамала на својот профил на социјалната мрежа Твитер напишаа објава во која упатија реакција за убиството на Алија од страна на израелските сили.
Потсетувајќи дека децата подлежат на посебна заштита според меѓународното право, во објавата на социјалната мрежа е вклучено прашањето „Уште колку палестински деца ќе бидат жртви на употребата на екстремна смртоносна сила од страна на израелските безбедносни сили?“.
Изразувајќи им сочувство на семејството и роднините на убиеното палестинско дете, претставниците на ЕУ бараат од Израел брзо и целосно да го испита целиот инцидент и сторителот или сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.
Во знак на протест против илегалните еврејски населби, вчера во селото Ел-Мугајер во близина на Рамала, 13-годишниот Алија беше повреден во стомакот од вистински куршум, а подоцна почина во болницата каде што беше пренесен.
Додека палестински извори наведуваат дека Алија е застрелан од израелските сили, израелската Армија тврди дека не биле користени вистински куршуми за време на интервенцијата на демонстрациите во Ел-Мугајер.