Ata Ufuk Şeker
06 Февруари 2019•Ажурирај: 07 Февруари 2019
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) не ѝ одобри на германската компанија „Сименс“ (Siemens) да се спои со француската компанија „Алстом“ (Alstom) во железничкиот сектор, јавува Anadolu Agency (AA).
Маргарет Вестагер, одговорна во Комисијата на ЕУ за конкурентност, на прес-конференцијата одржана во Брисел изјави дека не е дозволено соединување на дејностите на „Сименс“ и „Алстом“ во железничкиот сектор.
Вестагер истакна дека соединувањето на „Сименс“ и „Алстом“ ќе доведе до зголемување на цените на системите за сигнализација и на полето на брзи возови, а истовремено ќе ги намали иновациите. „Воведената забрана за соединување на компаниите, покажува сериозна загриженост за конкуретноста“, рече Вестагер.
Вестагер посочи дека компаниите не понудиле предлози кои нудат решение во однос на загриженоста околу споменатата конкуретност.
Договорот за соединување на француската компанија „Алстом“ и германската компанија „Сименс“, која е една од водечките компании во Европа на полето на железничкиот сообраќај како производител на возови и трамваи, беше објавен во 2017 година. Се предвидуваше дека со соединувањето, новата формација би имала обрт од 15,3 милијарди евра годишно.
Во јули 2018 година ЕУ донесе одлука за започнување истрага во врска со активностите на „Сименс“ околу обидот за спојување со компанијата „Алстом“ во полето на железничкиот сектор.
Истрагата е започната поради фактот дека „Сименс“ и „Алстом“ се конкурентни компании на тендерите отворени за брзи возови, метро, трамваи и сигнализација, под образложение дека со соединувањето ќе се намали конкурентноста на тоа поле.
Компанијата „Алстом“, која е долгогодишен производител на железнички пруги и возови, во полето на производство на брзи возови и трамваи има 34.500 вработени. Германскиот технолошки гигант „Сименс“, во секторот на железничкиот сообраќај, покажува активности преку „Siemens Mobility“, каде што се вработени 28.000 лица.
Европската комисија има ингеренции да следи дали меѓу компаниите од Европската Унија кои покажуваат активности на некое поле, постои состојба која ги прекршува правилата на конкурентност. Комисијата е таа која прави преглед и дава проценка дали постои состојба со која се нарушува конкурентноста.
Во случај кога се забележуваат случаи кои би ја нарушиле конкурентноста, Комисијата на ЕУ го спречува соединувањето или купувањето.