Ata Ufuk Şeker
07 Јуни 2022•Ажурирај: 08 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Институциите на Европската Унија (ЕУ) постигнаа консензус за правната регулатива со која ќе биде задолжителна употребата на универзални полначи за електронските уреди како што се паметните телефони, таблетите и камерите што се продаваат во земјите членки до есен 2024 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Европскиот парламент (ЕП) и Европскиот совет соопштија дека се договориле за промена на регулативата, што има за цел да ги стандардизира различните порти за полнење како „USB-C“, „micro USB“ и „lightning“ за различни електронски уреди со цел да се намали електронскиот отпад.
Според тоа, USB-C портата за полнење ќе биде новиот стандарден приклучок за полнење на преносните електронски уреди.
До есен 2024 година, уредите како што се нови паметни телефони, таблети, дигитални камери, слушалки, преносливи конзоли за видеоигри, звучници, ќе имаат USB-C порти за полнење. Со тоа еден полнач ќе може да се користи за различни електронски уреди.
Потрошувачите нема да мора да купуваат кабли и полначи за секој нов уред.
Постојните кабли и полначи може да се користат во различни уреди.
40 месеци по стапувањето на сила, регулативата ќе важи и за лаптопите.
Ќе се усогласат и системите за брзо полнење на уредите.
Целта е да се намали електронскиот отпад.
Откако регулативата ќе биде официјално одобрена од ЕП и Европскиот совет, таа ќе стапи на сила со објавување во Службениот весник на ЕУ.
Во моментов, поголемиот број уреди со оперативниот систем Андроид се полнат преку USB-C приклучокот. Новите лаптопи, слушалките и разни други додатоци исто така го користат истиот приклучок.
Регулативата се очекува особено да влијае на компанијата „Епл“.
„Епл“ користи различни порти наречени „lightning“ за своите паметни телефони, некои таблети и слушалки. Компанијата во своите нови АјПад и лаптопи претпочита „USB-C“ порти.