Tufan Aktaş
01 Октомври 2021•Ажурирај: 05 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Етиопија, која седум лица од Обединетите нации (ОН) ги прогласи за „персона нон грата“, поради мешање во нејзините внатрешни работи, бранејќи ја донесената одлука, соопшти дека тоа ќе биде лекција за другите службеници кои ќе покажат сличен став, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Етиопија, Дина Муфти, рече дека одлуката за депортирање на седум лица од ОН ќе им одржи важна лекција на другите кои се наоѓаат во слична ситуација.
„Некои од меѓународните организации кои треба да обезбедуваат здравствена заштита, служат на уништувањето кое го загрозува здравјето на луѓето“, рече Муфти.
Портпаролот, исто така, изјави дека луѓето вклучени во активности за хуманитарна помош, мора да ги почитуваат законите во земјата.
Владата на Етиопија вчера побара седум лица од ОН што работат во земјата, да ја напуштат во рок од 72 часа.
Меѓу луѓето што Владата на Етиопија побара да ја напуштат земјата се имиња како што се Адел Кодр, претставничката на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) за Етиопија и Грант Лити, хуманитарен координатор во Канцеларијата за координација на хуманитарните работи на ОН (OCHA).
- Хуманитарната криза ескалира поради конфликтите во регионот -
Хуманитарната криза во регионот ескалира откако борбата за власт меѓу Федералната армија и Народниот фронт за ослободување на Тиграј (TPLF) во северната покраина Тиграј се прошири и во соседните држави.
Покрај тоа што Армијата на Етиопија постигна делумен успех во операциите започнати против бунтовниците во ноември 2020 година, таа се повлече од Мекеле, главниот град на Тиграј, на 28 јуни, наведувајќи ја хуманитарната ситуација како причина.
Владата прогласи едностран прекин на огнот, но изврши контранапад по брзото напредување на Народниот фронт за ослободување на Тиграј на север.
Речиси 2,5 милиони луѓе се раселени само во Тиграј, а на повеќе од 5 милиони луѓе им е потребна итна помош.
Не може да се достави соодветна помош за Тиграј, каде што образовните и здравствените институции станаа неоперативни, поради небезбедноста и недостигот на гориво.